Дваесет години од постоењето на секоја институција или компанија даваат можност за потсетување на времето кога истата е основана, но и за нејзиниот развој и подем. Таков јубилеј, оваа година, прославува и Националното биро за осигурување, што е убав повод накратко да се потсетиме како тоа се развиваше и, се разбира, да ги најавиме стратегиите за понатамошен развој и улога на Бирото во рамките на осигурителниот пазар на Република Македонија. По осамостојувањето на Република Македонија, и воспоставувањето на независна и суверена држава, покрај другите статусни обележја кои ја означуваа самостојноста на државата, осигурувањето требаше според меѓународните стандарди да обезбеди непречено движење на луѓето и возилата надвор од Република Македонија.
Директор М-р. Трајче Латиновски


За таа цел, кон крајот на 1993 г. од страна на друштвата за осигурување во Р.Македонија, А.Д. за осигурување и реосигурување „Македонија“ и М.Д. за осигурување „Вардар“, со договор беше основано Националното Биро за осигурување на Република Македонија. Ова беше само предуслов за можноста Националното биро за осигурување да се регистрира и, воедно, да стане членка на големото семејство на Советот на Бироата на Европа, со седиште во Лондон. Во мај 1994 г., Националното биро за осигурување беше примено како полноправна членка во Советот на Бироа, со што фактички се стекна со право да издава македонски, меѓународно признати зелени карти. Оттаму, 1994 г. се зема како почеток на работа и основање на Националното биро за осигурување на Република Македонија.

Ова овозможи нашите граѓани непречено со своите возила да патуваат во сите европски држави, а придобивката беше особено голема од аспект на трошоците за транспортните компании.

Како што се развиваше осигурителниот пазар и се зголемуваше бројот на осигурителни компании, така се зголемуваше и улогата и значењето на Националното биро за осигурување. Денес, согласно договорот за основање, горди сме да истакнеме дека во Националното биро за осигурување членуваат 11 осигурителни друштва.

Исто така, во согласност со договорот за основање, Статутот на Бирото и Законот за задолжително осигурување, како и Законот за супервизија во осигурувањето, Националното биро за осигурување има широк круг на надлежности како во делот на меѓународно застапување на своите членки, така и во делот на соработка и застапување на своите членки пред домашните инситуции и органи.

Дваесетте години се доволен период стекнатото знаење и искуство да бидат гаранција дека преземените обврски во стратегијата за развој на Националното Биро за осигурување во наредните четири години ќе се исполнат на највисоко професионално ниво, со што Националното биро за осигурување ќе ја зајакне својата улога и значење на домашен и меѓународен план.