I. ДОЛЖНОСТИ ВО СЛУЧАЈ НА СООБРАЌАЈНА НЕЗГОДА
Како учесник во сообраќајна незгода должни сте да преземете соодветни мерки заради отстранување на нови опасности кои можат да настанат на местото на сообраќајната незгода, а особено:
-Да го поставите посебниот знак за означување на запрено возило на коловозот или со други соодветни знаци да ги извести учесниците во сообраќајот за настанатата опасност.
-Да го обезбедите возилото од самотргнување, да го обезбедите товарот на возилото да не падне или да не се растури по коловозот.
-Да превземете мерки за спречување на избувнување пожар или експлозија и сл.
-Да останете на местото на сообраќајната незгода, со тоа што може привремено да се оддалечите само заради давање на помош на лицата повредени во сообраќајната незгода или доколку на Вас ви е потребна лекарска помош.
-При преземање на горенаведените дејствија должни сте да настојувате да не се промени состојбата на местото на сообраќајната незгода со цел да се зачуваат постојните траги, само под услов со тоа да не се загрозува безбедноста на сообраќајот.
Кога да се викне полиција, а кога да се пополни Европскиот извештај за сообраќајна незгода?
За следните случаи треба да го известите Министерството за внатрешни работи и да го почекате доаѓањето на полицискиот службеник кој врши увид:
-кога во сообраќајната незгода има повредени или загинати лица
-кога настанала голема материјална штета на возилата, односно се оштетени виталните делови за управување и запирање на возилото/возилата и возилата не можат самостојно да се движат по патот
-кога едно од возилата нема регистарски таблички или не е осигурано
-кога едно од возилата има странска регистарска табличка
-кога еден од возачите е очигледно под дејство на алкохол, дрога или други психотропни супстанции
-кога еден од возачите не поседува соодветна возачка дозвола
-кога возачите неможат да ги усогласат мислењата во врска со начинот и околностите под кои се случила сообраќајната незгода
-кога еден од возачите одбива да ги даде своите лични податоци, односно податоците за возилото
-кога еден од возачите го напуштил местото на сообраќајната незгода.
Доколку е настаната мала материјална штета (не се оштетени виталните делови за управување и запирање, а возилата можат самостојно да се движат по патот) и не е исполнет ниту еден од погоре наведените случаи, учесниците во сообраќајната незгода се должни веднаш да ги отстранат возилата од коловозот, да овозможат непречено одвивање на сообраќајот и да го пополнат и потпишат Европскиот извештај за сообраќајна незгода.
Ви препорачуваме доколку решите да пополните Европски извештај за сообраќајна незгода да ги фотографирате возилата, оштетувањето на возилата и местото на сообраќајната незгода.
II. ПРИЈАВА НА ШТЕТА ПРЕДИЗВИКАНА ОД ОСИГУРАНО ВОЗИЛО (возило кое има важечка полиса за осигурување на денот на сообраќајната незгода)
1. Во случај на сообраќајна незгода, согласно член 5 од Законот за задолжително осигурување (Службен весник 88/05) треба како оштетено лице барање за надомест на штета да поднесете до одговорното друштво за осигурување (друштво за осигурување каде причинителот на штета има склучено договор -полиса за осигурување од автомобилска одговорност).
2. Значи, оштетеното лице согласно законот мора претходно да пријави штета до одговорното друштво за осигурување. Ако оштетното лице во вонсудска постапка ( прв степен ) не е задоволно од утврдената висина на штета има право на Приговор до второстепена комисија во таа компанија.
Исто така доколку оштетеното лице смета дека се спорни правниот основ или определената висина на штетата ( материјална или нематеријална ) може да поднесе преставка до Агенцијата за супервизија на осигурувањето.
Тужба до надлежен суд не може директно да се поднесе ,потребно е претходно вонсудски штетата да се пријави ,тужбата може да се поднесе дури откако оштетеното лице нема да биде задоволно од утврдениот надомест.
3. Потребна документација :
-Записник за увид на лице место или
-Европски Извештај за сообракајна незгода (само за малa материјалнa штетa) согласно одредбите од Законот за безбедност на сообракајот на патиштата.
-Пријава на штета (образци за пријава на материјална штета имаат сите осигурителни друштва на своите шалтери).
-Барање за надомест на штета (за нематеријална штета) во кое детално се наведуваат основите за надомест на пооделни видови (за претрпена физичка болка, за претрпен страв, за намалена животна аквитност, за нагрденост) или за материјалниот дел на истата (за погребни трошоци, надгробен споменик и сл.)
-Комплетна медицинска документација доколку се работи за оштетно барање односно нематеријална штета (за сите видови на повреди).
4.Во случај во сообраќајната незгода да учествува и возило со странска регистрација (и под претпостaвка истото да е одговорно за незгодата), пријавата на штета се поднесува до Националното биро за осигурување или директно до друштвата - членки на Бирото (при тоа мора да се води сметка за колизија на интереси но и за склучени коресподентски договори.
На Web-страната на Бирото се наогаат сите активни коресподентски договори на странски друштва за осигурување со друштва за осигурување - членки на НБО , и на многу лесен начин на пребарување може да се најде информација за коресподентот на странската осигурителна компанија во Македонија.
5.Приговор на донесено решение и за меѓународна штета може да се достави до второстепена комисија во друштвата за осигурување или до Агенцијата за супервизија на осигурувањето согласно Законот за супервизија на осигурувањето.
Тужба до надлежен суд не може директно да се поднесе ,потребно е претходно вонсудски штетата да се пријави ,тужбата може да се поднесе дури откако оштетеното лице нема да биде задоволно од утврдениот надомест.
6.Според член 24 од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот (Службен весник 88/05) може да се поведе постапка за посредување.
III. ПРИЈАВА НА ШТЕТА ПРЕДИЗВИКАНА ОД НЕОСИГУРАНО ВО ГАРАНТЕН ФОНД ВОЗИЛО (неосигурано возило со домашни и странски регистарски таблички)
1. Во случај на сообракајна незгода, во која штетата ја причинило неосигурано возило (според член 62 од Законот за задолжително осигурување во сообракајот (Службен весник 88/05) оштетеното лице барањето за надомест на штета треба да го поднесе до своето друштво за осигурување ( значи во друштво за осигурување каде оштетениот има склучено договор-полиса за осигурување од автомобилска одговорност).
2. Друштвото за осигурување во рок од 8 дена ја поднесува пријавата на штета во Гарантниот фонд на Националното биро за осигурување, од каде се очекува дека ќе се рефундира исплатениот надомест за штета.
3. Потребна документација :
-Записник за увид на лице место
-Барање за надомест на штета (за нематеријална штета) во кое детално се наведуваат основите за надомест на пооделни видови (за претрпена физичка болка, за претрпен страв, за намалена животна аквитност, за нагрденост ) или за материјалниот дел на истата (за погребни трошоци ,надгробен споменик и сл.)
-Комплетна медицинска документација доколку се работи за оштетно барање (за сите видови на повреди)
4. Во случај во сообраќајната незгода да учествува и неосигурано возило со странска регистрација (и под претпостaвка истото да е одговорно за незгодата), пријавата на штета се поднесува до друштвото за осигурување каде оштетениот има полиса за осигурување од автомобилска одговорност.
ВАЖНО : Во Гарантен фонд не може да се пријавува штета предизвикана од неосигурано возило (со домашни и странски регистарски таблички ) и непознато возило со Европски извештај за сообракајна незгода со мала материјална штета согласно одредбите од Законот за безбедност на сообракајот на патиштата.
IV. ПРИЈАВА НА ШТЕТА ПРЕДИЗВИКАНА ОД НЕПОЗНАТО ВОЗИЛО
.
1. Во случај на сообраќајна незгода од непознато возило се надоместува согласно законот само нематеријална штета. (според член 63 од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот - Службен весник 88/05)
2. Оштетеното лице барањето за надомест на штета треба да го поднесе во едно од друштвата за осигурување кои имаат лиценца за осигурување од автомобилска одговорност.
3 .Друштвото за осигурување во рок од 8 дена ја поднесува пријавата на штета во Гарантниот фонд на Националното биро за осигурување од каде се очекува ќе се рефундира исплатениот надомест за штета.
4. Потребна документација :
-Записник за увид на лице место
-Барање за надомест на штета во кое детално се наведуваат основите за надомест на пооделни видови штета (така на пример, за претрпена физичка болка, за претрпен страв, за намалена жив-отна аквитност, за нагрденост) или за материјалниот дел на истата (за погребни трошоци, надгробен споменик и сл.)
-Комплетна медицинска документација за сите видови на повреди